Претседателот на Бугарија, Румен Радев, по завршувањето на денешната седница на Консултативниот совет за национална безбедност, порача дека Македонија не го направила она што е потребно за спроведување на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, како и тоа дека не гарантирала исполнување на обврските од него.
„Давањето согласност за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Македонија не треба да биде врзано со рокови, туку со реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари. Ние никогаш не сме го негирале и не го негираме правото на граѓаните на Република … Македонија да се определат врз основа на сопствената самосвест и да си ги чуваат јазиците во согласност со уставот. Бугарија ја одржува целосната рамноправност на македонските Бугари со останатите народи во Република … Македонија. Политиката на дискриминација на македонските Бугари, 120.000 луѓе, неодамна ескалира“, изјави Радев.
Бугарскиот претседател истакна и дека правата на македонските Бугари се клучна точна во копенхашките критериуми за членство во ЕУ за кои не може да се преговара, а според него потребна е сеопфатна и интензивна акција за ресурси за да се врати довербата и да се засили соработката. Радев смета дека од особена важност се проектите за обезбедување транспортна и дигитална инфраструктура, со акцент на Коридорот 8.
Претседателот Радев во изјава за медиумите по завршувањето на седницата на советот за национална безбедност наведе седум препораки до извршната и законодавната власт во однос на натамошните чекори за решавање на спорот со Македонија и тоа:
-При водењето на внатрешната политика на земјата, Министерскиот совет да ја запази националната позиција на Бугарија, почитувајќи ги барањата од Договорот во 2017 година, Рамковниот став од 2019 година и декларацијата на 44-то Народно собрание;
-Давањето согласност за почеток на преговорите за пристапување на Република … Македонија во ЕУ не треба да биде врзано со рокови туку со реални резултати, особено во однос на македонските Бугари;
-Извршната власт да продолжи да работи на известување за спроведувањето на Договорот од 2017 година во преговарачкиот процес за членство во Република … Македонија во ЕУ;
-Извршна власт да подготви и обезбеди акционен план со мерки за постигнување опиплив напредок во сите области на билатералните односи;
-Извршната власт да им предложи на партнерите на Pепублика … Mакедонија формирање на заеднички работни групи во области во согласност со Договорот од 2017 година;
-Извршните власти да преземат мерки за забрзување на изградбата на Коридорот бр.8 заедно со Република … Македонија и Албанија, како единствен проект – автопат, железница, енергетско и дигитално поврзување;
-Националното Собрание треба да му предложи на законодавното тело на Република … Македонија воспоставување структуриран дијалог меѓу групите за пријателство и парламентарните комисии, со што би се зајакнала довербата и би се поддржал севкупниот процес.
Седницата на совет за национална безбедност свикан од претседателот Румен Радев за прашањето за евроинтеграциите на Македонија траеше повеќе од пет и пол часа, пренесуваат бугарските медиуми.
Претседателот на Бугарија смета дека треба да се забрза процесот на европска интеграција на Македонија, но само со почитување на националниот интерес.