Палењето на културниот центар на Бугарите во Битола е уште една провокација, дел од долгогодишната антибугарска кампања во … Македонија. Толерирана повеќе или помалку од официјалните власти, таа со години наоѓаше израз во уривањето споменици, спомен-плочи, сквернавењето на воени гробишта поврзани со Бугарите и нашата заедничка историја.

Преку навредливи и извртувачки историската вистина текстови за Бугарија и Бугарите во учебници, книги, филмови, натписи во музеи и јавни места, таа ги труе и продолжува да ги труе умовите на многу генерации и да го попречува развојот на добрососедските односи меѓу двете земји.

Ова се наведува во ставот на шефот на државата Румен Радев во врска со палењето на клубот на Културниот центар Иван Михајлов во Битола, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Не случајно Бугарија ги поставува како најважни услови за нашата согласност за почеток на преговорите на РС Македонија за членство во ЕУ, вклучувањето на граѓаните со бугарски идентитет во уставот на земјата како државотворен народ и давањето сигурни и неповратни гаранции за надминување на говорот на омраза. За жал, и денес владејачките партии и опозицијата во РСМ не можат да постигнат парламентарно мнозинство за исполнување на овие основни критериуми на демократијата.

Сакаме да веруваме дека повиците што денеска ги слушаме од официјалните институции во РС Македонија решително да се бараат сторителите на овој варварски чин ќе се реализираат во пракса. Истовремено, треба да напоменеме дека досега не ни е познат ниту еден сторител на ниту едно од многубројните слични криминални дејствија врз Бугарите во РСМ.

Денес, додека работиме напорно за да ги надминеме тешкотиите и нерешените прашања и да го трасираме нашиот заеднички пат кон обединета Европа, институциите на Република … Македонија мора да ја сфатат својата одговорност кон младите генерации и да спречат омраза да доминира во јавниот простор или да ги осакати и ограничи нашите билатерални односи.