Запрашан за европската перспектива на Македонија, претседателот на Бугарија, Румен Радев, во интервјуто дадено за грчката агенција АНА-МПА истакна дека решението за проблемите во односите со Македонија лежи во имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство и во почитувањето на човековите права.

Затоа, според зборовите на шефот на бугарската држава, повеќе не треба да се зборува за „бугарско вето“, бидејќи има јасен заклучок на Европскиот совет од јули годинава. и договорена преговарачка рамка.

„Овие европски, а не бугарски, барања јасно кажуваат дека РСМ мора да го измени својот устав за да им даде можност на Бугарите да имаат уставна заштита и еднакви права со тоа што ќе бидат вклучени во уставот на еднаква основа со другите државотворни нации во оваа земја“, потенцира Радев.

Претседателот уште еднаш повика, како што вели тој, на искоренување на јазикот на омразата и насилството врз Бугарите кои живеат во Македонија, како и на „почитување и заштита на бугарското културно и историско наследство“.

Румен Радев изрази и надеж дека што поскоро државниот врв „ќе ги прифати европските принципи и вредности за подобра иднина на граѓаните на РСМ, како и за создавање подобра перспектива за сите на Балканот“.