Партијата на Румен Радев, Прогресивна Бугарија е победник на предвремените парламентарни избори што се одржаа денеска во Бугарија.

Според првите резултати од излезната анкета во 19:00 часот спроведена од страна на социолошката агенција „Мерка“, презентирани на Бугарското национално радио, Радев води со речиси 24 отсто пред второпласираната ГЕРБ-СДС.

– „Прогресивна Бугарија“  освоила 38,7 отсто од гласовите, ГЕРБ-СДС  – 14,8 отсто, трета е „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“  со 13,1 проценти, ДПС – Нов почеток  9,2 отсто, Преродба („Вазраждане“ ) – 5,3 отсто и шеста е „БСП – Обединета левица“  со  4 проценти, е распределбата на гласовите за политичките сили според агенцијата „Мерка“.

И според податоците на „Маркет линкс“, во следниот парламент ќе влезат шест партии. Притоа, победник е фаворитот на изборите, „Прогресивна Бугарија“ за која гласале  38,9 проценти од избирачите, втора е ГЕРБ-СДС со 15,4 отсто, трета е  ПП-ДБ со 13,6 отсто. Следат  „ДПС – Нов почеток“ со 7,5 проценти, „Преродба“ со 5,1 отсто и шеста е „БСП – Обединета левица“ со 4,1 проценти.

До 19 часот, според оваа социолошка агенција, излезноста на гласачите била  47,2 проценти.

Во однос на распоредот на мандатите според мерењата на Маркет линкс, по  партии односно коалиции, при вакви резултати од гласањето би бил: Прогресивна Бугарија – 110 мандати, ГЕРБ-СДС – 44, ПП-ДБ – 39, „ДПС – Нов почеток“ – 21 „Преродба“ – 14 и 12 мандати за „БСП – Обединета левица“ .

Мерењата на  социолошката агенција Алфа Рисрч, исто така потврдуваат дека во следниот парламент ќе влезат шест  партии. „Прогресивна Бугарија“  епобедник со освоени  37,5 проценти од гласовите, следат ГЕРБ-СДС со 16,2 процети, ПП-ДБ со 14,3 отсто, „ДПС – Нов почеток“ со 8,4 отсто, „Вазраждане“ со 4,9 проценти и „БСП – Обединета левица“ со 4,1 отсто.

Лидерот на „Прогресивна Бугарија“, Румен Радев изјави дека очекувале да бидат први.

„Да ги видиме конечните резултати“, рече Радев, откако првите резултати од излезните анкети ја посочија „Прогресивна Бугарија“ како победник на денешните парламентарни избори.

–  Многу партии поднесоа барање Врховниот судски совет да се смени. Се надевам дека со ПП-ДБ ќе гледаме во иста насока кога зборуваме за замена на ВСС, додаде Радев.

Во врска со прашањето за малцинска влада или нови избори, тој рече дека сака да ги почека конечните резултати и гласањето од странство.

– Ќе направиме сè што е можно за да избегнеме нови избори, истакна Радев.

Во текот на изборниот ден Централната изборна комисија одржа три прес-конференции, од кои последната во 17:30 часот на која соопшти дека излезноста до 16 часот била 34,63 проценти. Од ЦИК истакнаа дека нема да имаат други прес – конференции во текот на вечерта.

Конечните резултати, согласно законските процедури, ЦИК  треба да ги соопшти четири дена по гласањето, на 23 април. (МИА)