Претседателот на Парламентот на Шри Ланка денеска соопшти дека ја прифатил оставката на претседателот на државата Готабаја Раџапакса, два дена после неговото бегство од земјата.
Раџапакса ја напушти земјата во средата, откако демонстрантите упаднаа во претседателската резиденција и други јавни згради и државни институции.
– Готабаја официјално поднесе оставка, изјави пред новинарите претседателката на Парламентот Махинда Јапа Абејвардана.
Раџапакса ја испратил оставката по електронска пошта. Тој во саботата побегна од својата резиденција во која упаднаа демонстранти, обвинувајќи го за лошо управување со земјата што се наоѓа во најтешката економска криза во својата историја.
Тој во средата успеа да ја напушти Шри Ланка и да отпатува на Малдиви, за вчера со авион да замине за Сингапур, од каде испрати го испратил писмото со оставката.
Раџапакса е првиот шеф на држава што поднесе оставка откако Шри Ланка го воведе претседателскиот систем во 1979 година.
Во главниот град Коломбо каде беше воведен полициски час, мала група луѓе се собраа пред претседателскиот секретаријат за да ја прослават оставката со песни и развиорени државни знамиња.
Според Уставот на земјата, премиерот Ранил Викремесинг од кого демонстрантите исто така бараат оставка, автоматски станува вршител на должноста додека Парламентот не назначи нов претседател.
Во меѓувреме, демонстрантите се повлекоа од службените згради што ги окупираа.
– Мирно се повлекуваме од претседателската палата, од секретаријатот на претседателот, од кабинетот на премиерот. Таа одлука стапува на сила веднаш, но ние ја продолжуваме борбата, изјави претходно портпаролот на демонстрантите.
Неколку часа пред најавата за повлекување, полицијата ги одби обидите на демонстранти да упаднат во парламентот.
Толпата ги окупираше кабинетите на премиерот во средата, откако во саботата упадна во претседателската палата.
Во судирите беа повредени околу 85 лица, а еден маж почина од задушување предизвикано од солзавец.
Стотици илјади луѓе ја посетија претседателската палата што беше отворена за јавноста по бегството на претседателот Раџапакса во саботата. Вчера влезовите во зградата беа затворени и чувани од вооружени лица.
Армијата и полицијата вчера добија нови наредби за решително дејствување и сузбивање на секое насилство, со предупредување до демонстрантите дека се овластени да употребат сила.
Сингапур не е крајната дестинација на Раџапакса. Извори блиски до безбедносните служби на Шри Ланка наведуваат дека тој ќе остане таму некое време, од каде би требало да замине за Обединетите Арапски Емирати.