Српскиот вицепремиер и министер за трговија Расим Љајиќ изјави денеска дека одлуката на Приштина да ги зголеми таксите на производи од централна Србија за 100 отсто претставува спречување и запирање на трговијата меѓу Косово и централна Србија и е целосно политичка одлука која ќе има огромни негативни последици.
Љајиќ смета дека постојат две причини за таквата одлука, а тоа е вчерашното гласање во Интерпол и фактот дека меѓународната заедница не реагирала остро и навремено на досегашните вонцарински бариери, кои се воведени од страна на Приштина.
– Последиците се секако огромни, пред се економски. Ова значи дефинитивен прекин на секаков вид трговија меѓу централна Србија и Косово, нагласи српскиот вицепремиер.
Тој истакна дека не постои таков производител од Србија кој може да биде конкурентен со толку високи такси, даноци и царини кои се воведуваат.
Претседателот на „Српска листа“ Горан Ракиќ, пак, истакна дека Приштина со најновите мерки има за цел да го протера целиот српски народ од Косово.
– Ова е неофицијална објава на војна за косовските Срби. Доколку не се спречи ова лудило, српскиот народ нема да има можност за опстанок на Косово и Метохија и со нас е завршено. Затоа бараме итна реакција и помош од Белград, изјави Ракиќ.