Ракометната екипа на Бахреин на ОИ во Токио денеска по втор пат загуби во самиот финиш. По несреќниот пораз од Шведска во првото коло кога промашија пенал во последната секунда, и овојпат Бахраинците беа минимално поразени, сега од Португалија со 25-26.
Иако имаа водство во поголемиот дел од мечот исто и како против Шведска падот во финишот и неискуството од играње на големи натпревари беше клучно за поразот на Бахраин.
Прво име во победничкиот табор беше Педро Портела со шест постигнати гола, додека недоволни за Бахраин беа осумте гола на Мохамед Ахмед кој беше најдобар стрелец на натпреварот.
Еден од фаворитите за олимписко злато на машкиот ракометен турнир, селекцијата на Франција на селекторот Гијом Жил и капитенот Никола Карабатиќ ја забележа втората победа во групната фаза. По триумфот против Аргентина, уште една јужноамериканска селекција го „положи оружјето“ пред „галските петли“. Франција го совлада Бразил со 34-29 (16-13) во дуел од групата А.
Претходно денеска, Шпанија го доби дербито со Норвешка 28-27, Данска го скрши отпорот на Египет 32-27, а Германија славеше над Аргентина.