Македонската машка ракометна репрезентација и во вториот дуел против Португалија забележаа пораз, овој пат нашата селекција е совладана со 32:27.
Клучен период за епилогот на натпреварот беше завршницата од првото и почетокот на второто полувреме во кое Португалците направија серија од 7:0 по која поведоа со 18:11 и разликата ја одржуваа до крајот на мечот.
Се до почетокот на серијата погодоци, составот на Кирил Лазаров беше рамноправен противник. Португалија немаше поголема предност од два гола, а на моменти и Македонија имаше предност кога на десетина минути пред крајот на првиот дел водевме со еден погодок разлика.
Во завршните десет минути од средбата Португалија дојде до максималната предност од 28:19, а во финишот тоа водство успеавме да го намалиме за конечни 32:27.
Со оваа победа Португалија го обезбеди пласманот на Европското првенство, а нам ни останува во последните две средби против Луксембург на гости и дома со Турција да го верификуваме настапот на уште еден континентален шампионат.
Најефикасен во нашата селекција со 10 гола беше Филип Кузмановски, пет пати прецизен беше Мартин Серафимов.
Кај Португалеците по четири пати во листата на стрелците се запишаа Виктор Итуриза, Леонел Фернандеш, Андре Гомеш и Луис Фраде.