Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, оценува дека синдикалните процеси во земјава се логично поврзани, но нагласува дека во нивниот фокус мора да бидат самите граѓани и работници.
„Во период или во време кога светот се менува, кога синдикалното организирање е клекнато на колена, кај нас еве има некој крик, ама дали е тој вистински крик, дали е тој синдикален работнички крик? “, истакна Ралповски.
Тој се осврна на вчерашните протести на вработените во образованието, потенцирајќи дека оваа сфера добива зголемување на платите како никогаш досега. Спогодбата, како што потсети, беше потпишана во ноември 2024 година, со што вработените добија зголемување од 5 отсто. По пет месеци, на 1 март 2025 година, следуваше дополнително зголемување од 7 отсто, а во моментов СОНК преговара со министерката за финансии во рамките на договореното зголемување од 7,5 до 10 отсто.
„Дали ќе биде 7, 8, 9, 10 не се знае, тоа какви преговори ќе бидат. СОНК си има свои аргументи, Министерството си има свои аргументи. Ќе се чекаме, ќе видиме ќе чекаме на крајот како ќе биде“, рече Ралповски.
Според неговите пресметки, станува збор за кумулативно зголемување од околу 21 до 22 отсто за период од година и пол. Тој потсети дека во минатото СОНК мораше со месеци да протестира и штрајкува за да се избори барем за усогласување на платите со минималната плата.
Ралповски се осврна и на здравствениот сектор, каде што исто така постои спогодба за раст на платите. Во октомври 2024 година здравствените работници добија зголемување од 7 отсто, со што медицинските сестри од примарното, секундарното и терцијалното здравство, кои претходно беа блиску до минималната плата, се оддалечија од неа за 15 до 17 отсто.
Потоа следуваше уште едно зголемување од 5 отсто во март 2025 година, а во моментов се водат преговори за ново зголемување во рамките од 5 до 7 отсто.
„Еве слушнавме од директорот на ФЗО дека ќе бидат 7% процентуално“, додаде Ралповски.




