Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за француското списание „Ле Поинт“ изјави дека Албанија го поддржува ставот на САД кон Иран нагласувајќи дека Тирана нема дипломатски односи со Техеран по кибернападот во 2022 година.

Тој додаде дека неговата земја има посебно искуство со иранскиот режим споменувајќи го засолнувањето на речиси три илјади члена на иранската опозициска МЕК во земјата.

Рама нагласи дека Албанија не се плаши од закани потсетувајќи на традицијата на земјата да ги засолнува луѓето во неволја, како што се Евреите за време на Втората светска војна и Авганистанците по 2021 година.

Шефот на албанската влада истакна дека земјата останува непоколеблива во својата проамериканска и проевропска ориентација поддржувајќи го меѓународниот дијалог, но исклучувајќи ги режимите што ги смета за терористички.

– Треба да разговараме со сите, освен со терористи како режимот во Иран – изјави Рама.

Албанскиот парламент на 17 овој месец усвои резолуција со која Иран го прогласи за „држава спонзор на тероризмот“. Како што стои во документот, албанската влада ќе ги прогласи иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ) и движењето Хезболах за терористички организации. Веднаш потоа Израел ја поздрави резолуцијата нарекувајќи ја историска.

Во истото интервју Рама зборува и за европската интеграција на Албанија нагласувајќи дека земјата се стреми кон членство во Европската Унија, каде што очекува да биде до 2030 година.