Албанскиот премиер Еди Рама, одговарајќи на предлогот на шефот на државата Илир Мета на 13 октомври да се одржат локални, предвремени и парламентарни избори па дури и избор на претседател, доколку тоа е решение за повеќемесечната политичка криза, рече дека датумот 13 октомври за него е едноставно неделен ден, како и сите други.
– Избори беа спроведени на 30 јуни. Ние сме многу ангажирани за успешен почеток на целиот процес на локалната самоуправа. Имаме предизвик со проблемите на земјата и луѓето, наш предизвик не се внатрешните проблеми на вонпарламентарната опозиција и претседателот. За мене 13 октомври е исто како и 12 октомври, како 6 ноември, како сакаш. Можеби тој датум се паѓа во недела, но тоа е недела како и секоја друга, рече Рама.
На седница на Претседателството на неговата социјалистичка партија, Рама рече дека станало збор за изготвување политичка стратегија по 30 јуни, кога на локалните избори, социјалистите освоија 60 од вкупно 61 градоначалничко место.
– Дискусијата е, секако, поврзана со подготовка на среднорочна и краткорочна стратегија. Среднорочна ја сметаме стратегијата за редовните парламентарни избори во јуни 2021 и краткорочна целокупниот изборен процес Социјалистичката партија. Сето тоа бидејќи ние сме организација која работи врз основа на стратегија, нагласи Рама.
Посочи дека и партијата и тој се апсолутно расположени за дијалот како со парламентарната така и со вонпарламентарната опозиција, но оти во однос на Уставот, легитимитетот и мандатот на Владата нема дискусија со никого.
-Дијалог со парламентарната опозиција и секако со вонпарламентарната опозиција. Ние сме апсолутно достапни да седнеме на маса со сите без никаков исклучок и предрасуди и да разговараме за предизвиците на земјата и дефинитивно што е многу значајно да се адресираат во функција на правилата на игра. Во однос на Уставот, нашиот легитимитет и мандат како Влада, за нив нема дисусија со никого, категоричен е Рама.
Претседателот Илир Мета вчера упати апел до политичките партии за надминување на политичката криза додавајќи дека сите треба да сфатат оти не се чекори по две спротивни патеки кои никогаш не се среќаваат една со друга бидејќи постои опасност и „на есен да заостане земјата во интегративниот процес“.
– Сега е време. На 19 октомври ќе биде многу доцна, порача Мета.
Наведе дека претстои важен датум за иднината на земјата, 17-18 октомври, кога Советот на Европската унија ќе донесе одлука за преговорите, затоа двете главни политички партии треба да им овозможат на албанските граѓани да излезат на тројните избори, локалната власт, централната власт и изборот на претседател на државата на 13 октомври и правото на глас да го остварат на мирен, цивилизиран и демократски начин.