Албанската Влада се предомисли па одлуката, што требаше да стапи во сила денеска, според која тој троши повеќе од 800 киловат часови месечно треба да плаќа поскапа струја, нема да се применува.

Премиерот Еди Рама во денешната онлајн комуникација со граѓаните, ги наведе причините зошто е повлечена одлуката, која според него, можно е да почне да се применува од следниот месец, што зависи од тоа колку самите граѓани ќе штедат во потрошувачката како и хидролошките услови.

– Решивме да ја одложиме примената на одлуката поради две причини: првиот елемент се врнежите. Имавме обилни дождови, кои го зголемија нивото на вештачките акумулации во хидроцентралите. Вториот елемент е трендот на заштеда што предизвика потребата за енергија да биде помала од прогнозираната. Имајќи ги предвид овие два елемента оценивме дека можеме да продолжиме да ја задоволуваме потребата за електрична енергија – рече Рама.

Регулаторниот завод за енергетика на 24 минатиот месец, по предлог на владата, одобри зголемување на цената на енергијата за 4,4 пати за домаќинствата кои месечно трошат повеќе од 800 киловати електрична енергија, односно наместо 9,5 лека, цената требаше да биде 42 лека за киловатчас.

Едно евро чини 116 лека.

Оваа одлука требаше да се применува до 31 декември годинава.