Албанскиот премиер Еди Рама за телевизијата Њуз24 рече дека многу скоро ќе биде формирано ново граѓанско движење, кое ќе прерасне во партија на Мета, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Јас ви кажувам дека многу брзо ќе видите граѓанско движење, кое малку по малку ќе се претвори во партија на
Претседателот, а е наводно поврзано со грижата околу театарот, Уставот, татковината. Според мое мислење, тоа е
сигурно, рече Рама.

Тој додаде дека се прави секаква врева околу изборните реформи и реформата во правосудството, бидејќи опозицијата, според него, знае дека повторно ќе ги загуби изборите.

– Она што се случува има врска со фактот, а тоа ќе го видите, дека сето тоа е поврзано со изборите. Ќе видите многу наскоро дека изборите во Албанија ќе бидат поврзани со два фактора, стравот да се учествува на избори за да не се изгубат и реформата во правосудството, изјави Рама.

Тој се задржа  и на разговорот со еврокомесарот за култура околу уривањето на Националниот  театар, при што рече дека го информирал за фактите и за реализираниот дијалог со, како што вели, вистинските актери. Додаде дека тетарот никогаш не бил прогласен за споменик на културата.