По 48 часови без сон, на крајот од оваа Одисеја тука сме да го споделиме со Вас нашето мислење за недостаток на консензус за процесот за кој се стремиме и да одговориме на сите прашања, изјави албанскиот премиер Еди Рама на почетокот од заедничката прес-конференцја со овластениот министер за Европа и надворешни работи, Генц Цакај, по не добивањето датум за преговори со ЕУ.
– Вложивме максимални напори за да го добиеме она што ни припаѓа. Ништо повеќе освен тоа што го заслуживме. Тоа не го велам само јас. Тоа веќе го кажаа голем дел од премиерите на земјите членки на ЕУ и канцеларката Меркел, не само преку писмо до ЕК, туку и ние го слушнавме тоа. Всушност, ако сакаме да погледнеме директно во очи на вистината, тоа е она што го кажав пред некое време, гледајќи од сите контакти и дискусии дека процесот се движеше кон судир на пристапи меѓу Франција и Германија и значителен дел од фронтот „ДА“. Германија настојуваше да се каже „ДА“. Франција не се согласи да продолжи процесот. Бара внатрешна реформа на ЕУ и трансформација на самиот процес на интеграција, посочи Рама.
На новинарско прашање дали размислува за оставка, што од него го побара опозицијата, идентично како и македонската опозиција што бара оставка од неговиот македонски колега Зоран Заев, тој рече дека „имаме многу нешта да направме и немаме време за губење заради задоволство на оние кои немаат работа и не знаат да најдат работа за себе“.
Рама додаде дека во ниту еден момент нема да побара иницијатива за доверба од албанскиот Парламент за да се отвори патот за неговото заминување или потврда да остане владата, бидејќи земјата не успеа да ги отвори преговорите за пристапување во ЕУ. Тоа, додаде тој, може да го побара од францускиот Парламент.
Тој исто така рече дека Република Северна Македонија веќе 14 години е многу блиску до добивањето преговори, но и покрај тоа што го смени името, денеска доби „НЕ“.
– Можам да побарам од францускиот Парламент, но тоа никако не можам да го барам од албанскиот Парламент. Нема што да барам од нашиот Парламент. Од францускиот Парламент нема да побарам такво нешто никогаш. Македонија чека 14 години да ги започне преговорите. Од Совет до Совет не доби позитивен одговор. Тие беа принудени да го сменат своето име, идентитет за што и беше ветено, но ако и ова беше направено еве каде сме. Ние го ризикувавме тоа во мај – јуни заради хаосот што се случи овде. Тоа не беше опција и немаше никаква врска со донесување одлуки или донесување одлуки, со тоа што ќе го стор другиот. Тие го сменија своето име и замислете да го смениш името на земјата и да не добиеш „ДА“, тогаш што повеќе може да направат? Ништо. Но, тие се најдоа во еден момент од историјата во рамки на ЕУ каде се случува концептуален судир меѓу Франција и Германија. Не станува збор само за проширувањето. Но, и за други елементи, исто така. Механизмот е таков што е доволно некој да рече „Не“ и тоа е „НЕ“, посочи Рама.
Меѓу другото Рама посочи дека европска Албанија е единствена алтернатива и оти е голема обврска за другите генерации.
– Она што ни останува е да продолжиме, бидејќи нема друга алтернатива. Европска Албанија е единствената алтернатива и таа е голема и неопходна обврска што ја имаме кон другите генерации, порача Рама