Ќе биде фатално ако по толку напорна работа Македонија не го смени Уставот и се врати назад во изолација, порача албанскиот премиер Еди Рама по неколкучасовната седница на владите на Македонија и Албанија во Скопје. За него двете земји се пример за добрососедски односи, но јасно не одговори дали во случај на неуспех на уставните измени Албанија ќе се раздвои од Македонија во интегративниот пат. Сепак порача дека секој има право да трча низ времето.
Судбината беше да се здружат Македонија и Албанија во болка во долг период. За вас беше многу потешко, но и за нас не беше лесен пат. Измените во случајов за вашата земја мислам дека само слабоста, кратковидоста може да ја вратат за да имаме недоразбирање и да се создадат повторно проблеми“, истакна Рама.
За македонскиот премиер Ковачевски целта е земјата да стане полноправна членка на Унијата, а Уставните измени значат продолжување на европскиот пат. Го впери прстот во опозицијата и побара сите пратеници да се однесуваат одговорно за иднината на идните генерации.
На втората меѓувладина седница, Македонија и Албанија потпишаа 21 меморандум за соработка главно за теми поврзани со енергетиката и патната инфрасруктура. За двете земји остануват предизвиците кои ги носат случувањата во Украина и борбата со високата цена на струјата и високата инфлација. Очекуваат на самитот ЕУ – Западен Балкан следниот месец во Тирана да се зајакнат позициите и да се направи план за како што истакна и Ковачевски и Рама да се помине оваа тешка и тмурна фаза.