Албанскиот премиер Еди Рама објави дека се подготвени за лансирање двата сателита што ќе бидат испратени во вселената.
Рама на социјалните мрежи напиша дека „двете супертехнолошки очи“ што ќе ја следат Албанија од височините, со висока прецизност и целосна јасност на сликата до 75 cm2, сателитите „Албанија 1“ и „Албанија 2“ се подготвени за лансирање во вселената од вселенскиот центар Кенеди во Флорида, САД.
„Албанија ќе има нивно ексклузивно право на користење, за обработка на геопросторни информации (ГИС), како и за обезбедување производи за сликање и други негови компоненти, на голем број институции и субјекти, јавни или приватни, чија работа е поврзана со територијата, води, шуми, пожари, урбан отпад, земјоделско производство, урбан развој, имотни листови и така натаму. Дигитална револуција. Албанија нашата иднина. Нема време за одмор“, напиша Рама.
Заедно со Илон Маск, се очекува премиерот во декември да го притисне копчето за лансирање на првите два сателита со албанско знаме.
Албанската национална агенција за цивилна заштита и операторот „Satellogic USA Inc“, во владата во Тирана, на крајот на минатиот месец потпишаа договор за сателитска услуга, во областа на одбраната и безбедноста за следење со напредна технологија на територијата на Република Албанија.
-Главен инспекторат на небо што ќе има очи на целата територија на државата, кој нема да има ниту партија, ниту братучеди, ниту привилегии. Со сателитите веќе нема да може да се гради без дозвола, бидејќи сателитите ќе можат да го видат секој волумен подигнат на површината на земјата, рече меѓу другото премиерот Еди Рама по потпишувањето на договорот.
Договорот е во вредност од шест милиони долари и се состои од ексклузивна употреба на два сателита за период од три години.