Со денешниот почеток на учебната година почна примената на унифицираниот буквар за првачињата во Албанија и во Косово.

Премиерот Еди Рама најави дека разговарал и со други балкански земји за воведување унифициран буквар и за Албанците во овие земји.

Од Конгресот посветен на образованието, Рама најави дека Македонија начелно се согласила, а разговорано било и со Црна Гора и Србија.

– Македонија во принцип е подготвена да го користи унифицираниот буквар. Со Црна Гора и Србија разговаравме за делот од албанското население. Наша обврска е да го заштитиме и зачуваме албанскиот јазик, рече Рама.

Начелна согласност за унифициран буквар беше постигнат на заедничката седница на двете влади, на Албанија и на Косово, што се одржа во Елбасан на 26 ноември 2021 година.

Договор за унифициран буквар беше потпишан во декември минатата година во Приштина, на заедничка седница на владите на двете земји.
Денеска во Албанија за првпат во ученичка клупа седнаа 29.000 првачиња или околу илјада помалку споредено со минатиот септември.