Лидерот на опозициската партија, Демократско убедување, Астрит Патози од изборен митинг во Корача, порача дека ќе се одржат локалните избори на 30 јуни.

Партијата на Патози, кој е поранешен потпретседател на Демократската партија, со свои кандидати за градоначалници учествува во 26 од вкупно 61 општина. За Корча кандидат е Леонард Оли, позната и почитува личност во градот.

– Сакале тие или не, 30 јуни е одреден датум, кога Албанците треба да излезат и да ги променат своите локални власти. Секако и меѓународниот фактор одигра позитивна улога, би рекол во решавањето на оваа криза, истакна Патози во Корча.

За уредбата на претседателот Илир Мета за одложување на изборите тој смета дека нема сила која ќе ја запре изборната волја на албанските граѓани.

– Тоа е дел од политичка глупост, која потребниот одговор ќе го добие на 30 јуни. Не постои сила во оваа земја, дури и надвор од неа, која ќе може да ја запре изборната волја на албанските граѓани за смена на локалната власт, посочи Патози.

Протестите на опозицијата тој ги нарече епилог на една политичка глупост.

– Протестите се епилог на една политичка глупост, будалаштина, лудило. Ние бевме против откажување од пратенички мандати, против излегување на улица, против насилно однесување кон власта. Сметаме дека изборите се единствениот инструмент што може да ги смени работите во Албанија, бидејќи ние сме десно западно ориентирана политичка сила, наведе Патози.

Партијата Демократско убедување во судскиот регистар е запишана на 23 април, само неколку дена пред истекот на рокот за пријавување на партиите за учество на изборите.

Членови на партијата се главно оние кои ги нарекуваат „стара гарда“ на Демократската партија (ПД), кои поради разни причини се исклучени од нејзините редови. Еден од нив е токму и Патози, долгогодишен втор човек на партијата и координатор на пратеничката група на ПД во три пратенички мандати.