Изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија“ предводена од Социјалистичката партија на Еди Рама синоќа во Валона го одржа завршниот митинг за неделните локални избори.
Рама и порача на опозицијата дека на 30 јуни ќе го добие финалниот удар кој ќе го означи „збогувањето на Албанија со политиката која 30 години ја чувала во заложништво“.
Рама не ги поштеди предупредувањата и за градоначалниците од десницата, кои како што рече не треба да ги слушаат наредбите на Љуљзим Баша.
– Но, и покрај нивните напори да ги блокираат општинските изборни тела, тоа нема да им успее, рече Рама.
Тој ги обвини Демократската партија и Социјалистичкото движење за интеграција дека се претвориле во „насилни организации“, а не го поштеди од критики и иронија ниту претседателот Илир Мета.
– Ние не сме виделе претседателската резиденција да се претвори во епицентар на една имагинарна револуција и претседателот да се појави како воскреснат Хаџи Ќамил. Никогаш порано Албанија не била подложена на координиран напад за да го всади ужасот во секое семејство, да го уништи имиџот на земјата, достоинството во очите на светот. Денес, вториот Хаџи, дедо Џика (се мисли на претседателот Мета) вели дека со него биле Лули (Љуљзим Баша) и гатачката на кафе (Моника Круемади) и не прашува за САД и за ЕУ, рече Рама.
Во меѓувреме во земјата зачестија нападите врз објекти каде се сместени изборните комисии и изборниот материјал. По Бушат, Скадар, Вау те Дејес, каде беше запален изборниот материјал и повредени неколку полицајци, синоќа молотови коктели беа фрлани врз објектот каде е сместена изборна комисија во Пешкопеја. Насобраните се судриле со полицијата во обидот да влезат во објектот. Повреден е еден новинар и шестмина полицајци. Интервенирала и спицијалната полициска единица.