Петта година по ред, Финска е прогласена за најсреќната држава на светот, во рангирањето што веќе десет години го прават Обединетите нации по повод Меѓународниот ден на среќата, што се одбележува на 20 март.
Финска, како и сите нејзини скандинавски соседи, доби многу високи оценки за сите параметри од Светскиот извештај за среќата, како очекуван животен век, БДП по глава на жител, социјална поддршка и ниска корупција.
Зад Финска се пласираа Данска и Исланд, па следуваат Швајцарија, Холандија, Луксембург, Шведска, Норвешка, Израел и Нов Зеланд.
Рангирањето опфати 146 држави, при што Македонија се најде на 89. место, што претставува скок од пет позиции во однос на ланскиот извештај. Во регионот најдобро котира Словенија, на 22. место.
На дното на листата, како најнесреќна држава на светот фигурира Авганистан, пред Либан, Зимбабве, Руанда и Боцвана.
– Истражувањето покажа дека високиот пласман не зависи толку од културата, туку повеќе од тоа како институциите водат сметка за своите луѓе, вели Франк Мартела од Универзитетот во Алто.