„Моето име е д-р Паиви Расанен. Служам како член на финскиот Парламент од редовите на Христијанско-демократската партија од 1995 година, а дополнително бев министер за внатрешни работи од 2011 до 2015 година. Исто така сум лекар и горда баба на дванаесет внуци. Финска е демократија изградена врз владеење на правото и основните слободи. Овие вредности ми се длабоко важни како Европејка и како христијанка“, вака го започна своето сведочење Расанен пред Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом на САД заради нејзиниот долгорочен судски процес во Финска, поради наводно поттикнување омраза кон малцински групи.

А се започнало во јуни 2019 година, кога оваа финска пратеничка и активна членка на Евангелско-лутеранската црква на Финска, се огласила на Твитер (сегашен „Х“), по повод согласноста на црквата на која и припаѓа, да даде поддршка на ЛГБТ настанот „Прајд 2019“ во Хелсинки. Во објавата таа цитирала стихови од Посланието до Римјаните од Библијата, со цел да ја истакне својата христијанска перспектива за бракот и сексуалноста. (Римјаните 1:24-27; 24 : Затоа Бог ги предаде во грешните желби на нивните срца на сексуална нечистотија за да ги разгалат своите тела еден со друг. 25 :Тие ја заменија вистината за Бога со лага и им се поклонија и им служеа на создаденото, наместо на Создателот, Кој е благословен засекогаш. Амин. 26: Затоа Бог ги предаде на срамни похоти. Дури и нивните жени ги заменија природните полови односи со неприродни. 27: На сличен начин и мажите, оставајќи ги природните односи со жените, се разгореа со похота еден кон друг. Мажите правеа срамни дела со други мажи и ја примија во себе заслужената казна за својата грешка.)

По твитот, властите во Финска отвориле истрага со основано сомнение дека стиховите и пораките можат да се сметаат за „поттикнување омраза кон малцинска група“, според финскиот кривичен закон. Расанен била полициски испрашувана наводно, вкупно 13 часа, развлечени низ месеци. „Прашањата од полицијата беа бесрамно насочени кон Библијата и нејзиното толкување. Бев прашана: ‘Која е пораката на Посланието до Римјаните и неговото прво поглавје?’ и ‘Што подразбирам под зборовите грев и срам?’ На социјалните мрежи се прошири шега дека Паиви Расанен повторно присуствува на библиско проучување во полициска станица. Полицијата ме праша дали ќе се согласам да ги избришам моите текстови во рок од две недели. Реков не и повторно ја потврдив мојата вера во библиските учења, без оглед на последиците. Објаснив дека нема да се извинам за она што го изјавил апостол Павле“, рече меѓу другото Расанен на неодамнешното сведочење во САД.

Покрај споменатиот твит, истрагата се проширила и на брошурата од 2004 година што Расанен ја напишала за црквата за учењето на Библијата за бракот и сексуалноста, па и на нејзини коментари во радио дебати… На 29 април 2021 година, Финскиот државен обвинител формално поднел обвиненија против Паиви Расанен за „поттикнување омраза против малцинска група“. Ова кривично дело, според финскиот закон е класифицирано во делот за воени злосторства и злосторства против човештвото. Покрај неа, бискупот Јухана Похјола е обвинет за објавувањето на брошурата во 2004-та.

Судењето започнало на 24 јануари 2022 година пред Окружниот суд во Хелсинки. Окружниот суд едногласно ги ослободува Расанен и бискупот од сите обвиненија, со образложение дека „не е работа на Окружниот суд да толкува библиски поими“ и дека нема доволно причини да се ограничи слободата на говор. Судот исто така наредува Обвинителството да плати над 60.000 евра за трошоци на одбраната.

Меѓутоа, Обвинителството поднесува жалба и случајот е во Апелациониот суд во Хелсинки на 31 август и први септември 2023 година. На 14 ноември 2023 година, Апелациониот суд повторно, едногласно ја потврдува ослободителната пресуда,  повторно отфрлајќи ги обвиненијата и поддржувајќи ја првостепената одлука.

Сепак, финскиот закон дозволува обвинителството да поднесе жалба на пресуди за кои не е задоволно дури и по два позитивни резултати. Па така, случајот е сега пред Врховниот суд на Финска.

„Мојата надеж е дека пресудата на Врховниот суд ќе го потврди правото на секој човек во Финска слободно да ги изразува своите верувања, без страв од казна. Конечна ослободителна пресуда од Врховниот суд би воспоставила силен преседан во одбрана на слободата на изразување за сите, особено во прашања на вера и совест. Бискупот и јас сега ја очекуваме одлуката на Врховниот суд“, потенцираше Расанен пред американската Комисија.

Таа беше повикана да сведочи пред Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом на САД заради нејзиниот долгорочен судски процес во Финска, на иницијатива на претседателот на Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом на САД, републиканецот Џим Џордан од Охајо. Овој тип на сослушување не значи дека Конгресот ја решава нејзината правна ситуација во Финска, туку е форум за дискусија на идеи, законски прашања и загрижености околу влијанијата на слобода на говор во светот. Што ќе рече, не станува збор само за Финска, туку за широки прашања за слобода на говор и религија и како европските закони можат да влијаат на глобални стандарди за говор и можни закани за слободата на изразување.

На оваа јавна седница Расанен истакна и дека „судот нема право да ги суди библиските учења и нашето право како христијани да ги одржуваме и изразуваме. Нашето гонење за ‘говор на омраза’ се претвори во теолошко судење за тоа кои христијански верувања смеат и не смеат да се изразуваат во Финска. Неверојатно е што ова се случи во модерна европска држава.“

Сведочењето на Расанен предизвика и очекувани реакции и во Финска. Според критичарите, таа била искористена како пион во антиевропската реторика на актуелната американска администрација. Поранешниот претседател на партијата Вистински Финци и поранешен министер за надворешни работи, Тимо Соини, изјави дека го изгледал целото тричасовно сослушување.

„Секако дека Паиви Расанен не би требало да биде на тоа сослушување. Не затоа што добила покана, туку затоа што целиот процес е апсолутно смешен. Мислам на она на што беше изложена во Финска“, рече Соини. Според него, седумгодишната судска постапка поради објава на социјалните мрежи поврзана со Библијата е „срам за целото обвинителство и за финското општество. Двапати беше ослободена, а парите на даночните обврзници се трошат на оваа мелница“.

Според поранешниот министер, долгата судска постапка сама по себе веќе претставува казна. Расанен го изразила своето лично убедување, кое се разликува од ставовите на многумина други. „И од тоа произлезе постојана казна, во смисла дека ова не смееш да го кажеш. Не е доволно што не се согласувам со тебе, туку ти си и криминалец. Треба да бидеш обвинет за тоа. Тоа е погрешната работа“, изјави Соини и додаде дека „ова е непријатно потсетување дека народно избран претставник може да биде обвинет за некаков твит или за брошура објавена во 2004 година. И поради тоа и лутерански бискуп се најде под притисок. Судството не е за такви работи. Потребно е малку толеранција“, рече Соини. бдн/дј

Фото: Принтскрин и Фејсбук