Најмалку шест ракети ја погодија воздушната база Ал Асад во западен Ирак, во која се сместени американски трупи, а има и непотврдени извештаи за најмногу 30 ракети, објави вечерва Раша тудеј.
Инцидентот доаѓа кога САД и Иран се на работ на отворена војна.
Нема непосредна потврда за потеклото на ракетите, но анонимни американски воени официјални лица бргу го обвинија Иран.
Техеран вети „тешка одмазда“ за Вашингтон по минатонеделниот напад со беспилотно летало, во кој го уби генерал Касем Сулејмани, на меѓународниот аеродром во Багдад, заедно со неколку водачи на ирачката шиитска милиција.
Според непотрврдени информации на социјалните мрежи и некои медиуми и Американците истрелале ракети кон Иран.
Се огласи и Пентагон со соопштение дека ќе ги преземе сите „неопходни мерки“ во одбрана на американските трупи и регионални сојузници по иранскиот напад врз американската база во Ирак, потврдувајќи дека повеќе од 24 балистички ракети паднале во базата Ал-Асад.
– Иран лансираше повеќе балистички ракети против армијата на САД и коалициските сили во Ирак. Она што е јасно е дека овие балистички ракети се лансирани од Иран, чија мета биле најмалку две ирачки бази во кои се наоѓаат трупи на САД и коалицијата, се вели во соопштението на Пентагон во кое се додава дека се уште се прават иницијалните проценки за предизвиканата штета.
Пентагон соопштува дека ќе подготви и соодветен одговор и ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на американската војска, партнерите и сојузниците во регионот.