Драган Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата, повеќе не е во куќен притвор и правосилниот исход во случајот „Софтвери“ ќе го чека од слобода.

Кривичен суд прифатил гаранција од поранешниот владин ген-сек во недвижен имот со проценета вредност од 192.000 евра.

Случајот со набавката на софтверот од 81.000 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, беше обелоденет на почетокот на март 2021 година. Покрај овој тендер, во летото 2019 година, Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот, иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот.

„Крвичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог за укинување на мерката – Куќен притвор за осудениот Д.Р, донесе решение со кое мерката куќен притвор се укинува со определена гаранција во вредност од 11.868.762 денари во недвижен имот.“ информираат од Кривичен суд.

Обвинителството се жали на таа одлука, па сега треба да пресече скопска Апелација. Се чека и понудениот имот како гаранција да се прибележи во Катастарот за недвижности.

Во јули годинава, Рашковски првостепено беше осуден на 8 години затвор за злоупотреба на службената положба и за перење пари. Од тогаш е во домашен притвор. Заедно со него беа осудени уште шест луѓе.