Антикорупциската комисија изнесува еклатантни невистини и обвинува за наводно сторено кривично дело, тврди поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски откако на вчерашната седница Комисијата одлучи да поднесе иницијатива до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за утврдување на одговорност за Рашковски за примен автомобил на подарок.

-Која е компанијата од која е добиен на поклон автомобил и јавно да го доставите договорот за поклон? Таков договор не постои. Јавно да ја објавите процената на автомобилот за кој велите дека има вредност од 50.000 евра, како сте дошле до неа и дали некогаш сте го виделе автомобилот? Иако не е на мое интелектуално ниво, а не треба да е ниту ниво на една институција која ја претставувате, бидејки јавно беше упатена понуда за купопродажба на автомобилот, сопственикот на автомобилот, кој е мој другар преку полномошник Ви соопштува дека прифаќа предметниот автомобил да Ви го продаде за цена од 5.000 евра, се вели во реакцијата на семејството Рашковски.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност за Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда – возило.

Според ДКСК, сопругата на Рашковски во февруари добила на подарок автомобил „доџ вајпер СРТ“ од 2005 година, чија што пазарна вредност е најмалку 50 илјади евра, а во анкетниот лист на Рашковски е пријавено дека вреди 5 илјади евра.