Двајца вработени на бензиска пумпа во Скопје синоќа завршиле во болница откако пукнал сигурносен вентил на резервоар за плин. Вработените се обиделе да го затворат вентилот, но завршиле во болница откако вдишале гас.

Од МВР информираат дека синоќа околу 23.50 часот случаен минувач пријавил дека на бензинска пумпа на улицата „Индира Ганди“ има големо истекување на плин.

По пријавата, на терен излегла полициска екипа која во разговор со вработените, дознала дека додека тие полнеле кујнска плинска боца, виделе дека пукнал сигурносниот вентил кај резервоарот за плин и од него почнало да истекува плин.

Двајца вработени на возраст од 27 и 28 години се обиделе да го затворат вентилот од резервоарот, но вдишале гас и со возило на брзата помош биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им била укажана лекарска помош.

По интервенција на Противпожарната единица и одговорно лице од Институтот за одржување на бензински пумпи затворен бил главниот сигурносен вентил.

Поради овој настан, сообраќајот на улица „Индира Ганди“ бил блокиран во двата правци од 00.10 до 04.30 часот наутро.