Цел стадион, дваесет илјади луѓе го извикуваа моето име. Можеш ли да замислиш, дваесет илјади луѓе. Никогаш претходно тоа не се случило. И никогаш подоцна тоа не се случи. Постојано ми свиркаа, понекогаш дури и ме навредуваа, ми пцуеја мајка, род, крв, сè ми пцуеја. А сега тие истите го извикуваа наглас моето име. Гледав. Трибините беа полни, обоени со црвено-црни знамиња, а јас застанат на средина на шеснаесетникот. Се свртев околу себе и не ми се веруваше. „Момо, не пуштај, Момо, не пуштај“, слушав, дваесет илјади луѓе како ми го извикуваат името, гледаат во мене спасител. Градски ечеше, ми скандираа мене, му скандираа на вечниот дежурен виновник за многу претрпени порази и сега, тие истите, како покајници чекаа спас од него. И тогаш си реков: „Е па, не пуштам, овој пат Момо не пушта! Кој му ебе матер!“

Имаше уште две кола до крај на првенството. Ние не смеевме да кикснеме за да бидеме на крај петти, па да играме во купот на УЕФА, а тие исто така не требаше да кикснат за да бидат шампиони. Поточно кажано и на едните и на другите ни требаше нерешено. Уште пред почетокот сите бевме свесни дека таквите натпревари се најтешки. Треба нешто да играш нерешено, а натпреварот е дерби и го гледааат дваесет илјади луѓе. Ти нешто треба да одглумиш, ама да одглумиш добро, за никој тоа да не го види. А тоа стварно не е лесно.

Не знаев дали ќе бидам во првите единаесет, ама Димоски уште сабајлето ми кажа дека стартувам. Зошто така одлучи, ти оставам едноставно да претпоставиш. Натпреварот требаше да почне во шест. Беше облачно, но топло или како што би рекле време и терен погодни за игра. Пред почетокот на натпреварот многу не зборувавме меѓу себе. Влезе Димоски во соблекувалната, кажа нешто без врска и излезе. До мене на клупата седеше Венцо. Само се погледнавме и толку. Од спротива во нас гледаше Василе. Ништо не рече.

Судијата, мислам дека беше од Приштина, свирна и натпреварот почна. Првите десет минути тапа, здодевни, и ние и тие шутнавме онака два-три пати на гол, ама затоа публиката беше невообичаено бучна. „Вардар!!! Вардар!!!“, ечеше на стадионот. Како да чувствуваа нешто, како да сакаа дваесетте илјади присутни да ни кажат: „Играјте, не се заебавајте!!!“. И тогаш негде околу петнаесеттата минута од лево влета нивното крило, низ нозе на Венцо му ја протна, ја нафрли, јас не проценив баш најдобро и оној, Јаковљевиќ мислам дека беше, со глава ни ја наби во гол. 1:0 за нив. На Градски штама, молк.

Тргнавме од центар. Ние напаѓавме, тие се бранеа, ама и напаѓаа со контранапади. Имаа и еден слободен. Шутираше Пашиќ, мислам, топката удри од живиот ѕид, ме фати во расчекор, ама за среќа на педа од стативата помина. И негде околу триесеттата, малиот Даре дрибна два-тројца, му ја даде во празно на Драги, овој не беше во офсајд, шутна и 1:1. На Градски еуфорија, се вееја знамиња. „Вардар!!! Вардар!!!“, ечеше стадионот. И играта продолжи, сега тие напаѓаа, ние се браневме. Ама пред крај на полувремето, малиот Даре пак направи еден добар пробив, влезе во шеснаесет и падна. Судијата не мислеше многу. Покажа пенал. Стадионот мислиш ќе се сруши. Топката ја зеде Василе, смирено ја намести, неколку чекори се оддалечи, се залета и шутна долу лево. Голманот отиде во десно. 2:1 за нас. Пресврт, а на Градски хаос, знамиња, песни, викање.

Полувремето заврши 2:1 за нас. Влеговме во соблекувалната. Димоски влезе, сега некако чудно намуртен и пак кажа нешто без врска и излезе. Го гледав Василе и тој ме гледаше мене. Молчевме и потпивнувавме вода. Во соблекувалната само малиот Даре се смееше. Венцо не ни седна. Само стоеше цело време потпрен на ѕидот до вратата.

Почна второ. Првин нешто рамноправно, но полека полека тие сè повеќе ја преземаа иницијативата. Почнаа со долги топки нафрлени во шеснаесет. Фатив неколку и публиката почна да ми аплаудира. Почнаа сè повеќе и повеќе да напаѓаат. Нè стиснаа во шеснаесет. Викторија, што да ти кажам. Тие шутираа од секаде, мене нешто страшно ми тргна и се бранев. Како пајак бев кој ја сплел својата мрежа на голот и сè фаќа. А бе, секоја топка на рака ми се лепеше. Негде на средина од полувремето три пати сами излегоа пред мене, ама некако лесно ги прочитав и одбранив. Е од тој момент почна изненадувањето за мене. Цел стадион во еден глас почна да скандира „Момо, не пуштај!!! Момо, не пуштај!“. Не ми се веруваше што слушам. Полн со себе фатив една лесна нафрлена топка и ја исфрлив во нивната половина. И тогаш ми пријде Василе, ја стави раката на устата и ми вели: „Момо, ај не заебавај, пушти еден“. Го гледам Василе, ја слушам публиката како се дере „Момо, не пуштај!!!“ и му викам: „Кога друг пат ќе го доживеам ова? Кога друг пат цел стадион ќе го извикува моето име? Кога, а? Кој ве ебе, не пуштам!“ Василе ме погледна, ги собра рамениците и полека тргна кон средината.

При едно неопасно нафрлување имаше мало кошкање пред мене и судијата… оп… покажа пенал. Што да ти кажам, стадионот само што не се сруши. Пцуење, мајки, жени, сестри, балдази, сè се спомна. Нивниот сталожен Фарук требаше да го изведе пеналот. Ја стави топката на единаесет, шутна и… статива. Повторно стадионот загрме: „Момо, не пуштај! Момо, не пуштај!“

И некаде пред самиот крај, божем тргнавме во напад, кога на средина ни ја одземаа топката и тргнаа во контра. Тие петмина, овие моиве тројца, ама и тие не трчаа баш многу. Влегоа во шеснаесет. Јаковљевиќ добро ја зафати од страна по земја и топката влезе во гол. Е тоа не успеав да го фатам. Нерешено 2:2. Гостите се убија од радување, цели пет минути се гушкаа и бацуваа. До крајот на натпреварот и ние и тие се влечевме по теренот. Публиката збесна. Почна луто да вика „Уа, шиткачи! Судија, прекини!!!“. Повеќе немаше игра. Си додадавме на средина од теренот.

Судијата виде-невиде означи крај. Тие нешто се радуваа, шампиони скоро станале, ние нешто се радувавме, со една нога во купот на УЕФА бевме, а публиката здиве, летаа шишиња и запалки кон теренот. Кога се обидовме  да ги смираме  и да ги отпоздравиме кревајќи ги рацете, свирежите станаа уште посилни. Одеднаш на трибините се појави оган. Навивачите почнаа да ги палат вардаровите знамиња и сè посилно да свиркаат. Беше очигледно дека требаше што поскоро да го напуштиме теренот. Трибините беа во пламен, се вееја стотина запалени црвено-црни знамиња. Сите знамиња беа запaлени. Потрчавме кон соблекувалната  свесни за неубавата ситуација. Свирежите стануваа сè посилни и посилни. Одеднаш, и денес не знам зошто, застанав на аут-линијата. Останав сам, другите влегоа под трибините. Ги кренав високо рацете и се свртев околу себе. Сакав да ги поздравам тие дваесет илјади кои дојдоа да нè гледаат, тие кои на цел глас викаа „Момо, не пуштај!!! Момо, не пуштај!!!“. И тогаш за момент свирежите престанаа и се слушна силен аплауз. Најубавиот аплауз што сум го чул во животот. Срцето забрзано ми чукаше во градите, душата некако ми беше мирна и полна до врв.

А навивачите беа стварно бесни и гневни. Уште долго не сакаа да го напуштат Градски.

И да ти го кажам само уште ова. Натпреварот не беше наместен. Натпреварот беше договорен.

 

Од збирката раскази Пената на црниот бран (2018) во издание на Македоника литера