Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифати оставката на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас и му се заблагодари за неговиот придонес во Владата и за земјата во изминатите 3,5 години, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер, јави МИА од Атина.
Раководењето со Министерството за надворешни работи ќе го преземе премиерот на Грција „за да помогне со сите сили за успешно завршување на Договорот од Преспа“.
Поради тоа што не добил доволна поддршка од грчкиот премиер во кавгата со Каменос за време на вчерашната владина седница, шефот на грчката дипломатија Коѕијас се заканил дека ќе си поднесе оставка, објавија дел од грчките медиуми.
Несогласувањата меѓу двајцата министри Каменос и Коѕијас, како што вчера објавивме, прераснале во жолчна расправија. Според грчките медиуми, од една страна поради ставовите на помалиот коалициски партнер во владата во однос на Договорот од Преспа и надворешната политика, а од друга страна, атмосферата се вжештила и кога Каменос ги споменал тајните фондови во грчкото МНР.
Весникот „Та неа“, во денешното издание пишува дека инцидентот почнал кога збор земал Каменос и рекол дека во програмата на коалициската влада на СИРИЗА и Независни Грци имало договор дека прашањето за името во грчкиот Парламент ќе дојде по изборите, „иако Ципрас ми рече дека Договорот од Преспа е избор на владата“.
Според истите извори, Никос Коѕијас вознемирен побара збор и заради споменување на фондовите во МНР од страна на Каменос. Според членовите на министерскиот совет, директно го обвини Каменос дека „се обидува да води надворешна политика на товар на владата и на земјата“, пишува „Та неа“.
Дел од медиумите во Грција, денес објавија дел и дијалозите меѓу Каменос и Коѕијас. Според информативниот портал „Ин“, разговорот бил следниот:
Каменос: Го задржувам мислењето за името на ПЈРМ. Нема да се вклучам во обидот за туркање на владата.
Коѕијас: Се трудиш да водиш надворешна политика на товар на владата и на земјата за да им служиш на свои политички и лични стремежи!
Каменос: Имаше потврда од страна на Министерството за надворешни работи дека скопското прашање ќе дојде во парламентот по изборите…
Коѕијас: Немаше такво нешто. Чекорите што беа направени беа одобрени од премиерот и од надлежните органи. Можеби си пропуштил некои владини седници.
Каменос: Ги имаме разјаснето нашата позиција и нашиот став. Не е лажен како на Мицотакис. Мојата процена е дека Договорот нема да дојде во парламентот затоа што нема да заврши процесот во Скопје. Во секој случај нема да се идентификуваме со Нова демократија во обидот да се турне владата.
Ципрас: Договорот е на владата, не на Министерството за надворешни работи.
Според дел од медиумите во Грција, несогласувањата и кавгата меѓу Каменос и Коѕијас продолжиле и околу фондовите во грчкото МНР.