Во вториот квартал годинава се запишани 2.163 хипотеки во вкупна вредност од 268.060.621 евра. Во Центарот за катастар на невдижности Скопје се впишани 1.394 хипотеки, со вредност од 120.427.838 евра, а во останатите катастарски одделнија 1.237 хипотеки, со вредност од 147.632.782 евра, покажуваат податоците на Регистарот на цени и закупнини.
Од почетокот на април до крајот на јуни годинава се регистрирани 8.304 трансакции во Регистарот или за 1.309 повеќе трансакции во однос на првиот квартал годинава. Тоа, според Катастарот, укажува на раст на пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување.
Во вториот квартал се впишани 4.673 продажби на недвижности, 847 продажби од инвеститор, 156 откупи од државата и 14 продажби на лицитација. Вкупно имало 5.690 продажби, што е раст за 1.251 споредено со првите три месеци годинава.
Во второто тримесечие се регистрирани 2.164 закупи на целата територија на држава, за 58 повеќе во однос на првите три месеци годинава.
Најмногу продажби на недвижности
Анализите од Регистарот покажуваат дека 56 проценти од трансакциите со недвижностите се однесуваат на продажби, 32 проценти на закупи на недвижен имот, односно заедно сочинуваат 88 проценти од вкупниот пазар на недвижности. Споредено со првиот квартал годинава кога биле регистрирани 4.439 продажби, во вториот квартал годинава се бележи раст на бројот на трансакции за 22 проценти.
Најмногу трансакции имало во април, кога биле регистрирани 3.923 трансакции, а најмалку во мај (2.118), додека во јуни се евидентирани 2.263. Во април се регистрирани и најголем број продажби од инвеститор, односно продажби на новоградби чиј број изнесувал 308.
Од вкупно запишаните 2.164 закупи, најголемиот дел, 43 проценти, отпаѓаат на деловни простории и по тој основ имало 1.127 трансакции, по што следат закупите на станови со 34 проценти или 882 трансакции и земјоделско земјиште со 16 проценти од пазарот на закупи на недвижностите. Куќите и градежното земјиште учествуваат на пазарот со закупи со два процента, а останатите недвижности со три проценти.
Споредено со првиот квартал, кога биле регистрирани 2.556 закупи, во вториот квартал има зголемување на бројот на закупите за 58 трансакции. Во април годнава, покрај продажби, се регистрирани и најмногу закупи, односно 1.266. Најмалку закупи имало во јуни и изнесувале 572, а во мај биле регистрирани 776.
МИА