Во Буџетот на Република Македонија има одлична наплата на приходите, има одлична ликвидност, а вршиме сериозен притисок за реализација на предвидените расходи. Она што ме радува е дека имаме раст кај приходите од придонеси, што соодветствува со растот на платите, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во интервјуто за МИА.

Кон крајот на месецот, како што вели министерот, ќе го објават и извештајот за август, посочувајќи дека она што се гледа како тренд во првите осум месеци е растот на даночните приходи од добивка.

– Очекуваме раст околу 30 милиони евра кај данокот на добивка до август. Ова е јасен знак дека фирмите се опоравуваат и стопанството затанува на нозе. Последните податоци за индустриското производство во август покажуваат висок раст од 8,4 проценти во споредба со истиот месец претходната година, истакнува Тевдовски.

Според податоците за Странските директни инвестиции (СДИ), како што додава, има висок раст во однос на минатата година.

– СДИ во првата половина годинава достигнаа 327 милиони евра. Само за споредба во 2017 година за цела година СДИ изнесуваа 227 милиони евра. Владата и понатму ќе продолжи да создава можности за економски развој. Со јасната насока кон ЕУ и НАТО, оваа состојба уште повеќе ќе се подобрува, вели министерот Тевдовски во интервјуто за МИА