Раст од 2,3 отсто, дополнително намалување на невработеноста, зголемување на инвестициите, намалување на јавниот долг на 128,8 проценти од БДП, примарен суфицит од 3,3 отсто, предвидува, меѓу другото, нацрт-буџетот на Грција за 2027 година, што министерот и заменик-министерот за национална економија и финансии Кирјакос Пиеракакис и Танос Петралиас, денеска го доставија во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Пиеракакис рече дека нацрт-буџетот го доставуваат во период кога меѓународната економска стабилност е на тест, пазарите на обврзници бележат значителни притисоци, големите европски економии се соочуваат со сè поголеми фискални предизвици, а нестабилноста на енергетските пазари продолжува.

– Во такво опкружување, Грција постигна стабилност и кредибилитет. Изгради отпорност што ѝ овозможува да се справува со меѓународните турбуленции од посилна позиција. И решени сме да го заштитиме ова достигнување. Седма година по ред се очекува нашата економија да се развива со стапка значително повисока од просекот на еврозоната. Во 2027 година растот се забрзува на 2,3 отсто во споредба со 1,2 проценти во еврозоната. Инвестициите се зголемуваат за 7,9 отсто, а невработеноста се намалува на 7,9 проценти што е најниско ниво по 2008 година, посочи министерот национална економија и финансии на Грција.

Додаде дека буџетот за следната година има за цел Грција да биде земја која се развива, инвестира, ги зголемува приходите, брзо го намалува својот долг, ги ослободува граѓаните од товарите и има сила да им даде поддршка кога им е потребна, а „во светот што станува сè понепредвидлив, Грција станува сè посилна“.

Нацрт-буџетот во следните денови ќе се разгледа на надлежната парламентарна комисија, а според заменик-министерот за национална економија и финансии, целта е конечната верзија на 20 ноември да биде доставена во Парламентот.

МИА