Бројот на загинати во терористичкиот напад во концертната салата „Крокус“ во близина на Москва се зголеми на 115, објави денеска Рускиот истражен комитет на својот канал „Телеграм“.
Според претходно објавените податоци, повеќе од 140 се повредени.
„На местото на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“, кога итните служби ги расчистуваа урнатините, пронајдени се повеќе тела, така што бројот на загинати во моментов е 115 лица“, се вели во соопштението на Истражниот комитет.
Напаѓачи облечени во маскирни униформи упаднаа синоќа во голема концертна сала во Москва и отворија оган, при што ја запалија. Напаѓачите веднаш потоа побегнале, а утринава Руската Федерална разузнавачка служба (ФСБ) соопшти дека во врска со нападот се приведени 11 лица, меѓу кои и четворица терористи кои биле директно инволвирани.
Како што додава руската агенција, според прелиминарните податоци, луѓето починале од прострелни рани и труење. За време на нападот терористите употребиле автоматско оружје, а со запалива течност упаднале во просториите на концертната сала.
Фото: ЕПА