Министерството за финансии објави нова аукција на државни хартии од вредност што треба да се одржи во вторник и со која Република Македонија ќе се задолжи за уште 32,4 милиони евра.

Денеска Министерството за финансии на својата веб-страница објави информации кои збунуваат со „бруто-нето“ бројки, проценти и споредби, а факт е дека задолжувањето на државата е зголемено и продолжува да расте.

„Јавниот долг на Македонија во вториот квартал од годинава за 0,1 процент го надмина ланското ниво, кога прв пат беше намален по девет години и изнесуваше 47,6 отсто од БДП. Во вториот квартал од 2018 година јавниот долг изнесува 47,7 отсто од БДП“, соопшти Министерството на својата веб-страница.

Вниманието на граѓаните за задолжувањето што го врши актуелната Влада се покрива со бравурии и споредби. Така, Министерството објави графикон „од кој може да се забележи удвојување на долгот во периодот 2008 – 2016 година, а во првиот квартал од 2018 година долгот изнесува 47,2 отсто“.

Тоа се дополнува со информацијата дека „во 2008 година, според графиконот, јавниот долг бил 23 проценти од БДП, а во 2016 година достигнал 48,5 отсто“.

Експертите, пак, предупредуваат за нагласена претпазливост со задолжувањето, со оглед на тоа што јавниот долг бележи континуиран раст. За период од една година јавниот долг е зголемен за 9,15 отсто и сега изнесува 5,14 милијарди евра.

Тоа во просек значи дека државата секој ден се задолжува за нови 118 илјади евра.

Со аукцијата на државни хартии од вредност што треба да се одржи во вторник државата ќе се задолжи за уште 32,4 милиони евра.