Германија составува листа на бункери кои би можеле да бидат итно засолниште за цивилите поради растечките тензии со Русија, објави Министерството за внатрешни работи на земјата. Списокот вклучува метро станици и подземни паркинзи, како и владини згради и приватен имот, изјави портпаролот на Министерството.

„Ќе биде составена дигитална листа на бункери и засолништа за итни случаи за луѓето да можат брзо да ги најдат со помош на мобилна апликација. Тие, исто така, планираат да ги охрабрат луѓето да направат засолништа во своите домови со реконструкција на подруми и гаражи“, рече портпаролот на брифинг со новинарите.

Тој одби да објави распоред, велејќи дека тоа е голем проект за кој ќе биде потребно време и ќе ја вклучи Канцеларијата за цивилна заштита и помош при катастрофи и други владини агенции.

Германија, која има околу 84 милиони жители, има 579 бункери, кои главно потекнуваат од периодот на Втората светска војна и Студената војна, а кои можат да обезбедат засолниште за околу 480.000 луѓе, пишува Гардијан.

Портпаролот рече дека клучните точки од планот биле договорени на конференција на која присуствувале високи функционери во јуни и дека посебна група се занимава со ова прашање.

Од руската инвазија на Украина во 2022 година, постои зголемена загриженост поради можноста Москва да ги таргетира другите членки на НАТО.

Во октомври, шефовите на германското разузнавање предупредија дека Русија најверојатно ќе биде способна да изврши воен напад врз Алијансата до 2030 година.

Германските власти велат дека земјата веќе доживува нагло зголемување на руската шпионажа и саботажа. Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека конфликтот во Украина има карактеристики на „глобална“ војна и дека не ја исклучува можноста за удари врз западните земји.