Димитров на заедничката онлајн прес-конференција рече дека резултатот од средбата е нула и ги обвини македонските колеги дека одбиле да ги потпишат записниците од претходните средби.

„Нашите колеги настојуваа насекаде да се стави ‘македонски‘ што не е во согласност со востановената практика“, рече Димитров.

Според него без резултат завршила и точката за Цар Самуил, бидејќи, како што рече, македонската страна отстапувала од веќе подготвен заеднички текст.

„За жал се движиме многу полека, како желка“, додаде Димитров.

За претседателот на македонската комисија Ѓоргиев, средбата поминала во академска атмосфера со плодна многуслојна дискусија која не дала никакви резултати.

„Голем дел од средбата беше посветена на записниците од 9 и 10 средба и главен проблем е употребата на придавката ‘македонски‘. Потоа со толкувањата за Самуиловата држава, спротивставени се и гледањата за тоа како треба да се пишуваат препораките до нашите влади“, рече Ѓоргиев.

Главен проблем, вели е што се избегнува една мултиперспективност во учебниците по историја и идејата да се наметне едно решение.

„Имаме спротивставени гледања и за тоа како треба да се пишуваат препораките до нашите влади и како треба да изгледаат идните учебници во Македонија и Бугарија. Тука зборуваме различни јазици. Не се сака да се понуди повеќеслојни видувања. Гоце Делчев многу малку беше тема во текот на денешниот дел од дводневната средба, па не беше возможно да се направи никакво поместување“, рече Ѓоргиев.