ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани. Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го објавува во интегрална форма.
Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка.
Таквата промена ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени.
Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања.
Денес разликата е очигледна. По две години управување со државата, не зборуваме за барања, туку за реализирани обврски.
Во општините платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари.
Во основното и средното образование зголемувањата се движат од 46% до 60% во период од четири години.
Во високото образование платите се повисоки за најмалку 14%.
Во здравството растот изнесува меѓу 40% и 50% во рамки на еден мандат.
Полициските службеници добија покачување од 10%, социјалните работници 20%, а околу 11.000 административни, судски и обвинителски службеници имаат обезбедено раст од 40% до 2028 година.
Колективните договори се почитуваат, а исплатата на платите е редовна.
Инфлацијата е стабилизирана во однос на претходните двоцифрени стапки.
Ова се системски и одржливи решенија, а не ад-хок мерки. На овој начин ја спроведуваме обврската кон работниците.
Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност.
Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати.




