Владата на Израел не успеа во намерите да го продолжи Законот за заштита на еврејските населеници на окупиранот Западен брег на реката Јордан.
Таквиот исход од гласањето во Кнесетот е силен пораз за и онака чувствителната коалициска Влада, што би можело да го забрза процесот на губење на поддршката и да доведе до нови избори во земјата.
Неуспехот на продолжувањето на законот исто така ја истакнува потребата од посебна легислатива за Западниот брег, каде речиси половина милион еврејски доселеници уживаат бенифиции на израелски државјани додека три милиони Палестинци шест децениии живеат под воена управа.
Трите најголеми организации за човекови права таквата состојба ја споредуваат со апартхејд, додека Израел ги отфрла обвинувањата како напад врз легитимитетот на државата.
Коалицијата на премиерот Нафтали Бенет останува на власт, но денешното гласање покажува слабост и поделби во неа, така што се поставува прашање колку долго може да опстои.
Израелските медиуми јавуваат дека 52 пратеници гласале „за“ продолжување на законот, додека 58 биле „против“.
Важењето на законот се продолжува секои пет години, а доколку тоа не се постигне последиците за еврејските доселеници би можеле да бидат долгорочни.
Извори блиски на коалицијата сметаат дека мали се шансите законот да биде продолжен во второто или третото гласање.
Законот е на сила од Шестдневната војна во 1967 година кога Израел го зазеде Западниот брег, Појасот Газа и источниот дел на Ерусалим.
Министерот за правда Гидеон Саар кој го предложи продолжувањето на важењето на законот предупреди дека членовите на владејачката коалиција кои не го поддржале предлогот ќе бидат виновни за нејзиниот евентуален распад.