Судскиот совет го разреши судијата Горан Бошевски од Кривичниот суд Скопје кој го водеше случајот на Специјалното јавно обвинителство „Тракеторија“ во кој беше обвинет поранешниот премиер Никола Груевски.
-Разрешен е еден судија поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и времено е оддалечен од вршење на судиската функција, соопштија од Судскиот совет.
Бошевски нема веќе да суди, но има право на жалба пред Врховниот суд.
Судењето за случајот „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати – делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид почнало во 2017 година и се уште нема пресуда, а во случајот освен Груевски обвинети се поранешните владини функционери, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за патишта Љупчо Геориевски. Кривичното дело што му се ставаше на товар на Груевски пак застаре во текот на судењето.
Со разрешувањето на Бошевски, судењето за „Траекторија“ ќе почне од почеток бидејќи ќе се смени судечкиот совет. Судењето би требало да почне од почеток и со Груевски како обвинет бидејќи застарувањето на делото се утврдува дури во пресудата.