Разрешен е директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски и на негово место за в.д. директор е назначен Пеце Матевски, досегашен директор на Термоелектрана.

Во РЕК Осломеј разрешен е директорот Златко Пиперкоски и на негово место за в.д. директор е назначен Стојан Мицкоски, досегашен технички директор во Рудници.

Република пишува дека човекот кој директоруваше со Термоелектраната во РЕК Битола, во периодот кога се случија и најголемите хаварии е нов директор на РЕК Битола. Пеце Матески е новиот директор, кој според вработените во РЕК во оваа компанија почнал да работи пред 2-3 години, за пред неколку месеци да биде поставен за директор на РЕК Битола.
Вработените велат дека новопоставениот директор нема доволно искуство за да раководи со РЕК Битола. Покрај тоа, смеетаат дека не може и не смее да се занемари фактот дека во период на неговото раководење со Термоелектраната се случиле најголемите хаварии. Но, коментираат дека тргнувајќи од фактот дека е многу близок со Васко Ковачевски, не ги изненадува фактот дека е поставен на оваа позиција.

Инаку Матески на битолчани им е познат по неговата музичка кариера. Велат има свој бенд со кој настапува на свадбени веселби. Битолчани го знаат под прекарот Пеце Свирачот.

Во следните денови ќе бидат извршени и други кадровски поместувања внатре во комбинатите, со цел подобрување на процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза.