Претставник на американската разузнавачка служба изјави дека Русија, Иран и Кина имаат зацртано да вршат раскол меѓу Американците во пресрет на претседателските избори и по нив, но дека е малку веројатно да успеат во тоа и со таков ефект што би влијаело на резултатот од изборите.
На брифинг за новинарите денеска претставник на разузнавањето на САД укажа дека странски субјекти најверојатно разгледуваат наративи за физички закани и насилство во предизборниот период и по изборите, со голема веројатност да спроведат постизборни дезинформациски операции за да се создае неизвесност и да го поткопаат изборниот процес.
Претставникот на Канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка служба изјавите ги даде под услови за анонимност.
-Странски субјекти, особено Русија, Иран и Кина, и понатаму имаат намера да шират наративи за засилување на поделбите во американското општество и поткопување на довербата на Американците во демократскиот систем на земјата. Оваа активност е во согласност со она што овие субјекти сметаат дека е во склад на нивните интереси, иако нивните тактики се развиваат, изјави разузнавачот.
Тој додаде дека разузнавачката заедница очекува интензивирање на напорите за странско влијание пред денот на изборите, особено преку објави на социјалните мрежи, посочувајќи дека некои од тие објави веројатно се генерирани од вештачка интелигенција.
Како пример, тој наведе објава на социјалната платформа Икс, создадена неодамна, според него, од руски агенти на влијание. Материјалот содржио непотврдено обвинување против кандидатот за потпретседател на Демократската партија и гувернерот на Минесота Тим Волц.
Според разузнавачките служби, оваа содржина била создадена од руски агенти на влијание. Анализата на медиумите спроведена од агенциите, открила „неколку знаци на манипулација“, што е во согласност со дејствијата на руските актери, објасни претставникот на американската разузнавачка заедница.