Видео снимката објавена вчера на онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ во врска со случајот „Рекет“ ја вжешти и онака разбранувата македонска јавност чиј фокус со недели е на работата на Јавното обвинителство и СЈО, а даде нова можност власта и опозицијата по кој знае кој пат да разменат меѓусебни обвинувањата за тоа кој стои зад случајот што се чини доби меѓународни размери.
Видеото е од средба на осомничените во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец) со бизнисменот Јордан „Орце“ Камчев, а било снимено во февруари годинава. На снимката се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија, а како што наведува весникот, се слуша и разговор на Јовановски и Камчев за предмет на СЈО во кој ја спомнуваат и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција кое го води предметот „Рекет“, не прецизираат дали им е позната објавената снимка и дали ја имаат како доказен материјал.
– Сите докази кои Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ги поседува во предметот за кој покажувате интерес ќе ги презентира пред надлежен суд при евентуална судска постапка. Предметот е во фаза на истрага во која во континуитет се работи на обезбедување на сите докази, изјавија за МИА од Обвинителството.
Подоцна, јавниот обвинител Љубомир Јовески за МИА изјави дека видео снимката објавена во италијанскиот весник „Ла Верита“ во врска со предметот „Рекет“, не е од извори од Обвинителството и оти таа не може да ја загрози истрагата за „Рекет“. Доколку дојде до судска постапка, појаснува Јовески, доказите, меѓу кои и снимени материјали Обвинителството ќе ги презентира како доказ.
На прашањето дали специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која се спомнува во објавената снимка, ќе биде повикана на разговор, тој посочува дека во Обвинителството се повикуваат и ќе бидат повикани сите лица неопходни за истрагата.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО), пак, во врска со објавеното видео соопшти дека со него „недвосмислено се потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите кои што се носени од нивна страна“.
Во соопштението објавено на веб-страната на СЈО се посочува дека на 6 февруари 2019 година ова Јавно обвинителство до Апелациониот суд во Скопје поднело предлози за продолжување на мерката куќен притвор за трите осомничени лица за случајот „Империја“. Постапувајќи по тие предлози, Апелациониот суд Скопје на 7 февруари 2019 година донел решенија за продолжување на мерката куќен притвор во времетрање од 30 дена.
Потоа, се посочува, против решенијата на Апелациониот суд трите осомничени лица упатиле жалби до Врховниот суд, кој, пак, наспроти сите мислења дадени од страна на СЈО да не се укинат мерките притвор за овие лица, одлучил спротивно на тие мислења и на 4 март 2019 година донел решенија со кои се уважени жалбите на трите лица, решенијата на Апелациониот суд Скопје се преиначени и мерката куќен притвор е укината.
– Се надеваме дека ова појаснување ќе ги запре сите шпекулации за поврзаноста на ова Јавно обвинителство со случајот „Рекет“, се вели во соопштението од СЈО.
Обвинителката Лиле Стефанова која ја водеше истрагата за предметот „Империја“ на СЈО, во која е осомничен бизнисменот Јордан Камчев, изјави дека очекува Обвинителството за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај „Рекет“ и оти таа ќе соработува и ќе ги сподели сите работи што ги знае.
Стефанова за МИА рече дека не знаела за снимката што ја објави весникот „Ла Верита“ и оти вчера првпат ја видела.
– Не само што не сум знаела дека постои ваква снимка, туку сум и згрозена. Очекувам Обвинителстово за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај. Јас ќе соработувам и ќе ги споделам сите работи кои ги знам, рече Стефанова.
Според обвинителката, истрагата за „Империја“ е поставена на здрави нозе, но оти со месеци е закочена поради начелното мислење кое го донесе Врховниот суд.
Од владејачката СДСМ излегоа со оценка дека се што се случува вклучувајќи го и објавување на снимка е дел од однапред подготвено сценарио за ништење на правната држава и интеграциите во ЕУ и НАТО и изразуваат увереност дека тоа всушност само ќе ја забрза истрагата за Рекет.
– Сите мрачни сили се впрегнати во поништување на правната држава и загрозување на евроатланските интеграции на РС Македонија. Убедени сме дека на крајот вистината ќе излезе на виделина. Ќе пропаднат очајничките обиди на саботажа на истрагата или за нечив спас од истата. Напротив, уверени сме дека овие подземни обиди само ќе ја забрзаат истрагата и ќе ја интевизираат, и ќе ги извадат на површина сите актери и учесници во случајот Рекет, рече партискиот портпарол Костадин Костадинов.
Воедно, тој од Христијан Мицковски, кој, вели, со недели се обидува да инкриминира функционери од СДСМ, побара да одговори „дали погрешниот таргет на опозицијата е обид да ги прикријат сопствените траги“, со кои двајца од луѓето кои се гледаат на снимките тој лично разговарал, како и кој ги лиферувал снимките во италијанскиот медиум.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, со став дека снимката која ја емитуваа италијанските медиуми е крунски доказ дека Јанева е институционалниот извршител на милионскиот рекет, но и дека Боки 13 и Кичеец се само пипките на криминалниот октопод на власта.
– Овде се работи за злосторничко здружување од судии, обвинители и политичари, кои со години харале низ државата и уценувале. За ова одговорност мора да има веднаш, изјави на прес-конференција генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.
Тој додаде дека премиерот, СЈО и ЈО на Русковска по денешната снимка се целосно компромитирани и некомпетентни да бидат носители на функција, и побара итна оставка на Владата и организирање на предвремени парламентарни избори.
Според пишувањата на медиумите, италијанскиот весник „Ла Верита“ кој ја објави снимката со Јовановски, Милески и Камчев, во изминатите неколку години важи за медиум близок до сегашната опозиција во земјата, односно на италијанската есктремнодесничарска партија Лига, која ја предводи актуелниот министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини.
– „Ла Верита“ беше првиот странски медиум кој пред еден месец информираше за „бомбата“ објавена на руски мрежи, а во која генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, наводно го мести победникот на тендерот за набавка на опрема за М-НАВ. Тогаш „Ла Верита“ објави текст под наслов „Скандал во Скопје – ‘Тендер за Леонардо: Циганите како нас’”, а текстот го илустрираше со фотографија на премиерот Заев. Во тој весник место наоѓаа ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за време на политичката криза, но и по изборите во декември 2016 година. Веста дека италијанскиот весник објавил снимка од криминални активности на осомничените во „Рекет“, утрово први ја објавија медиумите блиски на опозицијата. Не се исклучени и сомневања дека патот на снимката од Скопје до италијанскиот весник поминал преку Будимпешта, наведува Дојче веле.
Во „Ла Верита“, како што пренесува „360 степени“ во континиутет се објавуваат информации со кои се атакува на сите што размислуваат поинаку од Салвини, Орбан, Јанша, Ле Пен и од останатите претставници на радикалната десница.
Инаку, авторот на текстот во „Ла Верита“, Ларис Гајсер е Словенец со италијански пасош. Тој е претседател на Паневропското движење на Словенија, дел од претседателството на меѓународната Паневропска Унија. Заедно со него, во претседателството на оваа организација е и доскорешниот македонски амбасадор во Брисел и советник на поранешниот премиер Никола Груевски, Андреј Лепавцов. На парламентарните избори во 2011 година Гајсер бил кандидат на изборите за десничарската Словенечка народна партија (СЛС).
Гајсер засега не сака да открие ништо за материјалите што ги поседува и најави дека во наредните денови ќе продолжи да ги објавува.