Со ребалансот на буџетот СДСМ ќе го зголеми долгот за 200 милиони евра, а народот од тоа нема да добие ништо, се истакнува во денешната реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Натаму во реакцијата во врска со ребалансот на буџетот кој веќе е во собраниска процедура се вели:
-СДСМ ќе ја задолжи државата, а со тоа и идните генерации, но при тоа ништо конкретно не гради. Оваа влада на СДСМ ќе остане запаметена дека не направила ниту еден капитален проект. Наместо инвестиции, тие со ребалансот на буџет кратат пари од образование и екологија. Никој не знае каде ќе се трошат овие 200 милиони евра за кои ќе не задолжат, исто како што никој не знае каде завршија пола милијарда евра од ветените 850 милиони евра помош за стопанството и граѓаните, се вели во соопштението.
СДСМ, се додава во истото, троши стотици милиони евра народни пари, а ефект нема.
-Ништо не е изградено, нити направено. Парите одат само на изборен поткуп и во џебовите на власта. Време е расипништвото да запре. Време е за Македонија за сите луѓе!- се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Собранието на Република Македонија денеска ќе заседава собраниската Комисија за финансирање и буџет која ќе расправа за ребалансот на Буџетот за 2021 година, во второ читање.