Малку поинаков начин на подготвуање на млад грашок …

Потребно е:
масло, колку да го покрие дното на садот
1/2 лажица ким
1 поголема главица кромид
3 чешниња лук
1 зелено луто пиперче
220 г малд грашок или 1/2 пакување замрзнат
2 средно големи моркови
1 лажиче коријандер во прав
1/2 лажиче ѓумбир во прав
1/2 лажиче куркума во прав
2 средно големи компири
1 лажица пире од домати или 1/2 конзерва пелати домати
сол, по вкус
околу 500 мл топла вода
1 лажица нишесте
100 мл јогурт

Подготовка:
– Исчистете го кромидот, морковите, лукчето и компирите. Кромидот исечете го на тенки полумесечинки, лукот изгмечете го, морковите исечете ги на тркалца, а компирите на половина.

– Отстранете ги семките на пиперчето и исецкајте го на коцкички.

– Во сад на рингла загрејте го маслото и додадете ги зрната ким. Кога кимот добро ќе се испржи (зрната треба да почнат да потпукнуваат) додадете го сецканиот кромид. Пропржете го неколку минути со постојано мешање.

– Сега додадете ги морковите, лукот и пиперчето и пржете ги неколку минути.

– Кога ќе омекне зеленчукот додадете го грашокот. Зачинете по вкус и пржете 5-6 минути со постојано мешање.

– Смалете ја малку температурата, додадете го пирето од домати и измешајте.

– Потоа додадете ги компирите, досипете вода, поклопете го садот и оставете го јадењето да се крчка на тивко околу 30 минути.

– Кога ќе испари целата течност додадете ја запршката (нишесте разматено во јогурт) и оставете уште малку да се крчка.

– Ова јадење сервирајте го топло со варен ориз или пак чапати лепче.