Макс Верстапен сè уште има шанси да ја освои светската титула, изјави советникот на Ред Бул, Хелмут Марко по шоуто на Холанѓанецот на „Хокенхајм“.
Макс ја запиша својата втора победа годинава, триумфирајќи на лудата трка во Германија и уште еднаш ги демонстрираше своите одлични квалитети и талент, приближувајќи се на 63 поени од Луис Хамилтон.
– Не исклучувам да се разгори битката за првото место. Тој веќе докажа дека може да ги надмине Мерцедес и Ферари на патеката. Во Германија се покажа дека ако Мерцедес се под притисок, тие можат да направат грешки, па на нас ни останува да ги притиснеме уште повеќе, рече Марко.
Во исто време, Кристијан Хорнер е целосно смирен за иднината на Верстапен, кој има договор за 2020 година и не смета дека има шанса да замине.
– Немам никакви грижи. Мислам дека Макс ужива да вози за нас и да гледа како напредуваме. Мислам дека не ризикуваме. Едноставно треба да бидеме фокусирани и да извлечеме максимум од автомобилот секој пат. Победивме на 2 трки, имавме други подиуми, така што работите се одвиваат добро, рече Хорнер.