Се засолнив кај еден пријател дома оти имав многу закани, исјави синоќа пратеникот Кастриот Реџепи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Тој рече дека на денот кога требаше да се гласа за недоверба на Влада, бил засолнет со семејството кај пријател, но и дека и се јавил на својата ќерка во Данска дека нема да бидат цел ден достапни на телефоните.
– Имаше шпекулации дека сум во Бугарија, но и во Абу Даби. Јас бев во Скопје. Мораше така, затоа што имаше голем број на закани. Се засолнив кај пријател со семејството. И мајка ми беше со мене. И се јавив на ќерка ми, која живее во Данска, и кажав дека така мора да биде и дека телефоните ќе бидат исклучени, рече Реџепи.
Сега веќе поранешниот пратеник на Беса изрази уверување дека Владата ќе има 61 пратеник и дека наскоро ќе се знае името на 61-от.
– Владата има 61 пратеник, наскоро ќе разберете кој е 61-виот, рече Реџепи.
Тој додаде дека „Алтернатива чека пред вратата на Владата да стане дел од сегашното мнозинство“.