Нема одложување на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Од 1 јануари следната година и домаќинствата слободно ќе може да избираат од кого ќе се снабдуваат со електрична енергија.
Ќе имаат избор да останат кај универзалниот снабдувач, за што постапката за избор треба да почне во септември, или да изберат кај трговците кои имаат лиценца за тоа, а во моментов се 20-тина. На регулираниот пазар остануваат истите услови за снабдување со електрична енергија како и досега со задржување на евтината тарифа.
– Пролонгирање не е можно. Законот е јасен. Либерализацијата почнува со изборот на универзалниот снабдувач, односно очекувања се некаде на почетокот на 2019 година. Може да почне либерализацијата и без изборот, бидејќи до изборот на универзалниот снабдувач оваа дејност ќе ја врши ЕВН Македонија, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски пред подготвителната седница на која треба да се донесат подзаконските акти.
Постапката за избор на универзален снабдувач, како што рече, треба да почне меѓу 3 и 5 септември и тоа на меѓународен тендер што го спроведува Владата и се очекува до крајот на годината да се избере.
Според него не се очекуваат промена на цената на електричната енергија за домаќинствата со воведување на универзалниот снабдувач и оти е поволно тие да останат во регулираниот пазар.
– АД ЕЛЕМ ќе биде најголем добавувач на универзалниот снабдувач, така што од аспект на цени на регулираниот пазар не се очекуваат некои промени. Имајќи ја предвид постоечката цена на ЕЛЕМ и псотоечките цени на пазарот на електрична енергија во овој момент во РМ за домаќинствата би би било поповолно со овие услови кои ги имаме сега да останат на регулираниот пазар, истакна Бислимовски.
Тој додаде дека кај оние домаќинства што ќе изберат да се снабдуваат преку универзалниот снабдувач ќе остане концептот на евтина струја. На регулираниот пазар, посочи, ќе важат истите услови како што се и досега во однос на евтината тарифа за домаќинствата. Евтината струја не се укинува, таков е и предлог-текстот што се разгледува на подготвителната седница на Регулаторната комисија за енергија.
– Постои заштитен механизам со воведување на универалниот снабдувач и обврска тој да купува од АД ЕЛЕМ со цел да се избегнат какви било ценовни шокови. Очекувам дека цената ќе остане непроменета за домаќинствата и ќе биде поповолна на регулираниот пазар на електрична енергија, имајќи ги предвид цените на слободниот пазар, рече Бислимовски кој додаде дека доколу дојде до намалување на цената на слободниот пазар, домаќинствата и малите потрошувачи во секој момент имаат право да излезат од регулираниот пазар и да бидат снабдувани на слободниот пазар и повторно да се вратат на регулираниот пазар.
На домаќинствата, според сегашната состојба, им стојат на располагање и 20 снабдувачи со електрична енергија кои имаат добиено лиценца, но оти активни се меѓу седум до девет снабдувачи, а Бислимовски очекува тие да бидат иновативни и да дадат понуди за домаќинствата.
Бислимовски оцени дека досега либерализацијата на пазарот на електрична енергија е исклучително корисна за компаниите кои излегоа на слободниот пазар на електрична енергија, имајќи ги предвид цените во моментов на регулиранито пазар и на слободниот пазар.
– Има компании, рече, кои своите трошоци ги намалија и за 20 проценти во однос на регулираниот пазар, а очекувам со либерализацијата малите потрошувачи, пред се комерцијалните објекти да си ги намалат своите трошоци за електрична енергија, имајќи предвид дека нивната цена е околу 150 евра за мегават час на регулираниот, а на слободниот пазар е некаде помеѓу 55 и 60 евра и на тоа кога ќе се додадат и мрежарините се очекува да се намалат нивните трошоците.
Новина, како што посочи претседателот на РКЕ, е што производителите и потрошувачите ќе имаат можност за обесштетување поради намален квалитет на испорачана електрична енергија и поради неиспорочана електрична енергија и производителите да имаат право на соодветен надомест на штета од страна на операторот на преносниот систем – МЕПСО и од страна на операторот на електро-дистибутивниот систем тоа е ЕВН од Скопје.
Регулаторната комисија за енергетика до 5 септември треба да ги донесе сите подзаконски акти, а потоа да се распише тендерот за избор на унивезален снабдувач со електрична енергија. Се очекува целата постапка да заврши до крајот на годината и од 1 јануари да профункционира.