Врховниот касационен суд на Романија го рехабилитираше поранешниот премиер Адријан Настасе, кој е осуден за два случаи на корупција, објави Аџерпрес.

Во 2012 година, Настасе беше осуден на 2 години затвор за незаконско користење на средства од приватна компанија во изборната кампања во 2004 година, а во 2014 година на 4 години затвор за поткуп и изнуда. Кумулативно беше осуден на 4,5 години затвор, а минал повеќе од две години зад решетки. По неговото предвремено ослободување во август 2014 година, на Настасе му беше забрането да се кандидира за изборни функции.

Одлуката на највисокиот суд во Романија може да биде оспорена во рок од 10 дена.

Според член 169 од романскиот Кривичен законик, доколку осуденото лице се рехабилитира, се укинуваат лишувањето од правата, забраните и неспособноста што произлегуваат од казната што му е изречена. Така, доколку оваа судска пресуда остане во сила, Настасе ќе може да биде избран, со други зборови, ќе му биде дозволено да се врати во политиката.

71-годишниот социјалдемократ беше министер за надворешни работи, претседател на Домот на пратеници и премиер, а во 2004 година се кандидираше за претседател на Романија. Моментално ја предводи европската фондација Николае Титулеску.