РЕК Битола информира дека е во тек поправка на оштетен дел од претоварниот уред на багер СРС 2000/2, ангажиран на ископ на јаловина во Рудникот Брод Гнеотино. Дефектот се случи викендов.
Во соопштение до јавноста од РЕК Битола посочуваат дека се работи за незначителна материјална штета, а последиците од дефектот што се случи викендов во РЕК Битола, ќе бидат санирани во рок од една недела со ангажман исклучиво на вработените во ПЕ „Рудници“.
– Нон сенс се тврдењата дека дефектот ќе влијае на било кој начин врз цената на произведената електрична енергија на АД ЕЛЕМ, како и на потребата за дополнителен ангажман на надворешни фирми, се нагласува во соопштението.
Од компанијата дополнуваат дека во АД ЕЛЕМ се работело домаќински.
– Најголем доказ за домаќинското работење на АД ЕЛЕМ, вклучително и Подружницата РЕК Битола е фактот што Државните електрани на Македонија во текот на годинава седум пати продале вишоци електрична енергија на отворениот пазар и оствариле приход од скоро 20 милиони евра. Исто така, првпат по многу години, АД ЕЛЕМ побара од Регулаторната комисија за енергетика и намалување на цената на струјата, информираат од РЕК Битола.