За 2,2 отсто е зголемен бројот на пријави за стечај во Европската унија во периодот април-јуни 2022 година, покажуваат најновите податоци на европската статистичка агенција Евростат.
– Според сезонски прилагодените податоци, бројот на барања за прогласување банкрот во вториот квартал од 2022 година е зголемен за 2,2 отсто во ЕУ и за 2,5 отсто во еврозоната во однос на првиот квартал, се вели во извештајот на агенцијата, без да се прецизираат бројки.
Според Евростат, четврти квартал по ред се зголемува бројот на пријави за стечај.
Латвија забележа најголем пораст на пријавите во извештајниот период, при што бројот на компании кои поднесоа барање за стечај скокна за 74,4 отсто. Следува Белгија која забележа раст од 14,7 отсто и Данска (11,9 отсто).