Aкциите на „Мајкрософт“ вчера забележаа пад на цените откако федералниот судија нареди привремено прекинување на договорот со ЈЕДИ што Пентагон го додели на компанијата минатата година.

Поради падот на цените на акциите, технолошкиот гигант изгуби 17 милијарди долари пазарна вредност за само пет минути.

Пазарната вредност на „Мајкрософт“ сега е околу 1,4 билиони долари, покажуваат податоците на „Блумберг“.

Тоа е третата највредна фирма на светот, по Ејпл и Сауди арамка, кои вредат 1,43 и 1,77 билиони долари.

Судот донесе одлука откако „Амазон“ минатата недела поднесе барање до Министерството за одбрана да го суспендира договорот од 10 милијарди американски долари наречен Проект за заедничка одбранбена инфраструктура (ЈЕДИ).

Целта на проектот е да се изгради простор за чување и управување со чувствителни воени и одбранбени податоци.

Пентагон го додели овој проект на „Мајкрософт“, со што го исфрли „Амазон“ кој важеше за фаворит. По загубата, „Амазон“ се обиде да ја оспори одлуката, обвинувајќи го Пентагон за пристрасност, пренесува Банкер.

Судот донесе одлука за привремено прекинување на доделување на проектот се додека не се расчисти правната битка за овој договор.