Со минус 34 степени Целзиусови во местото Рокфорд, во американската сојузна држава Илиноис урнат е досегашниот рекорд на ниски температури во екот на поларното време, кое го зафати американскиот среден запад, објави денеска националната метеоролошка служба.
Во Рокфорд утрово беа измерени минус 34 степени Целзиусови, а претходниот рекорд беше минус 33, забележан на 10 јануари 1982 година.
Податоците за температурите во тој град се евидентираат од 1905 година.Рокфорд е околу 130 километри северозападно од Чикаго.
Метеоролозите за викендов најавуваат потопло време.
Во Чикаго беа откажани над 1.700 летови од двата аеродрома – О’Хер и од Мидвеј поради ниските температури кои беа 30 степени Целзиусови под нулата.
Експерти укажуваат дека ниските температури се одразуваат на работата на луѓето, снабдувањето и резервите на гориво по аеродромите. Студовите го погодија и железничкиот транспорт во Чикаго кој е трет по големина град во САД. Возовите на некои линии се запрени или се движат по изменет распоред.